Вестбрук со 19. трипл-дабл го урна Сан Антонио, Мемфис губи ли губи (ВИДЕО)

Оклахома го совлада Сан Антонио со 104-94, а најзаслужен за тоа беше Расел Вестбрук. Тој повторно беше играч број 1 на Тандер со 19-тиот трипл-дабл во сезоната. 

Вестбрук реализираше 21 поен, 12 скока и 10 асистенции, што за него беше вкупно 98. трипл-дабл во кариерата. Сан Антонио ја продолжи лошата серија и сега има осум порази на последните 10 натпревари. Руди Геј и Дејвис Бертанс реализираа по 14 поени за Спарс.

Можеби Далас е тимот кој намерно губи сезонава за да добие висок пик на драфтот во јуни, но има сериозна конкуренција во Мемфис, кој утринава го доживеа 17-тиот пораз во низа. Марк Кјубан доби казна од 600.000 долари од НБА-лигата поради тоа што во интервју најави дека Далас губи намерно, но утринава го совлада Мемфис со 114-80.

Ова е најдолга низа порази на Гризлис откако се преселија од Ванкувер во Мемфис, а претходно имаа полоши серии од 23 и 19 порази по ред. Херисон Барнс со 25 поени беше најефикасен кај Маверикс. Интересно е тоа што Дирк Новицки постигна само два поени и го израмни својот најлош рекорд во НБА-лигата. 

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Шарлот - Феникс 122-115
Мајами - Вашингтон 129-102
ЛА Клиперс - Орландо 113-105