Весбрук влезе во историјата на НБА, а не му беше ни до колена на соиграч од Оклахома! (ВИДЕО)

Расел Вестбрук од ноќеска е кошаркарот со најмногу трипл-дабл ефекти по ред во НБА-лигата, откако во победата на Оклахома сити тандерс над Портланд трејлблејзерс (120-111) имаше учинок од 21 поен, 14 скока и 11 асистенции.

Бекот на „громовите“ со ова го сруши половина век стариот рекорд на легендарниот Вилт Чембрлен и тоа во меч во кој сите очи беа вперени во неговиот соиграч, Пол Џорџ. Причина за тоа е фактот што тој исто така средбата ја заврши со трипл-дабл, но со неверојатно 47 поени заедно со 12 скока и 10 асистенции.

Весбрук и Џорџ истовремено станаа само деветите соиграчи во историјата на лигата кои на еден меч заедно оствариле двоцифрен ефект во три статистички категории. Во поразениот тим најдобар беше Дамиан Лилард со 31 поен и тоа покрај очајниот старт на средбата со шут 1/10.

Торонто репторс неочекувано се намачија во дуелот со Бруклин нетс (127-125), па иако беа големи фаворити победата ја обезбедија со кошот на Каваи Ленард на само четири секунди до крајот. Првата ѕвезда на тимот од Канада средбата ја заврши со 30 поени додека новото засилување на оваа екипа, Марк Гасол, дополни со 16 поени.

Гркот Јанис Антетокумпо одигра уште еден одличен меч и со 29 поени и 17 скока беше творец на триумфот на Милвоки бакс во пресметката кај Чикаго (112-99).

РЕЗУЛТАТИ: Денвер-Мајами 102-87, Оклахома-Порланд 120-11, Торонто-Бруклин 127-125, Детроит-Вашингтон 121-112, Чикаго-Милвоки 99-112, Хјустон-Далас 120-104, Кливленд-Њујорк 107-104, Индијана-Шарлот 99-90, Минесота-ЛА Клиперс 130-120.