Ужасни денови за НБА-ѕвездата: Прво беше трејдуван, па дозна дека има – тумор!

Непријатни вести доаѓаат од НБА-лигата и тоа дека на новиот кошаркар на Индијана пејсерс, Керис Леверт (26 години) му е пронајден тумор на левиот бубрег.

Тој беше дел од големата замена на играчи во која беа инволвирани Бруклин, Хјустон, Индијана и Кливленд, по која дресот на „мрежичките“ требаше да го замени со тој на „пејсерси“, но по последните прегледи прашање е кога ќе може да дебитира за новиот клуб.

„Керис ќе биде надвор од стројот на неодредено време, откако на рутинскиот лекарски преглед му беше откриена туморна маса на левиот бубрег. Тој дополнително ќе биде прегледуван за да се утврди сериозноста на неговата здравствена состојба“, изјавија од тимот на Индијана.

Со соопштение до јавноста се појави и самиот кошаркар.

„Во мое и во име на моето семејство би сакал да ѝ заблагодарам на Индијана пејсерс на големата поддршка во овие тешки времиња. Благодарни сме на темелноста на прегледите и со нетрпение очекувам што поскоро да дебитирам во дресот на овој тим“, изјави Леверт.

Засега не е познато дали откриениот тумор е канцероген.