Турција нема да го гледа НБА-финалето на Западот поради – предавникот Кантер

Турската телевизија нема да ги пренесува пресметките на Голден Стејт Вориорс и Портланд Трејлблејзерс од финалсната серија на западната конференција во најсилната кошаркарска лига НБА од бизарна причина - поради предавникот Енес Кантер.

Кантер е голема турска ѕвезда во НБА кој е во немилост на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, зашто е член на движењето на Фетула Ѓулен, инаку турски емигрант во САД и главен виновник за неуспешниот пуч пред три години во Турција за да се собори власта на актуелниот претседател.

НБА ѕвездата е дел од Портланд, па како што објави „ЕСПН“, Турција нема да го дава ниту големото финале во НБА, во случај Блејзерс да го поминат Голден Стејт во финалето на Западот.

Инаку Кантер неколкупати годинава објавуваше дека се плаши за својот живот, ако дојде во Европа (како дел од НБА Европа), откако во 2017 година беше задржан во Романија поради тоа што Турција му го укина пасошот, но беше пуштен по интервенција на американските власти. Кантер смета дека ако биде испорачан на Турција, нема да остане жив.