Светот виде како функционира новото трио на Оклахома - тешко на сите! (ВИДЕО)

Расел Вестбрук, Пол Џорџ и Кармело Ентони им оставија порака на сите тимови во НБА-лигата дека оваа година играат ни помалку ни повеќе - за титулата. Тоа го говореше нивното убедливо издание и победата над Њујорк со 105-84.

Вестбрук продолжи онаму каде што застана минатата сезона - направи трипл-дабл - но сега не играше само тој, туку имаше уште двајца „ѕверови“ покрај него. Минатогодишниот МВП постигна 21 поени, 16 асистенции и 10 скока, а притоа ги разигра Пол Џорџ со 28 поени и Кармело Ентони со 22. Њујорк држеше рамнотежа до втората четвртина, но во нејзините последни минути Оклахома направи серија од 11-0 и тука заврши приказната. Кристапс Порзингис се истакна во редовите на поразените со 31 поен и 12 скока.

Не блескаа многу фалените нови плејмејкери на ЛА Клиперс и ЛА Лејкерс, Милош Теодосиќ и Лонзо Бол, но Србинот може да биде задоволен бидејќи дебитираше во НБА со победа. Клиперс славеа со 108-92 во градсктото дерби, со формална улога на домаќини, а ги предводеше Блејк Грифин со 29 поени и 12 скока. Деандре Џордан имаше неверојатни 24 скока, а Теодосиќ застана на скромни шест поени и шест асистенции. Кај Лејкерс, прв човек беше Брук Лопез со 20 поени, а дебитантот кој треба да биде новата ѕвезда во НБА, Лонзо Бол, застана на три поени, девет скока и четири асистенции.

Извесен беше и натпреварот во Канада, каде што Торонто го победи Чикаго со 117-100. Јонас Валанчиунас запиша дабл-дабл од 23 поени и 15 скока, само пола кош помалку постигна резервистот Си-Џеј Мајлс. Кај Чикаго најефикасни беа Робин Лопез со 18 и финскиот талент Лаури Марканен со 17 поени.