Богдановиќ со осум тројки сам го победи тимот на Мајкл Џордан (ВИДЕО)

Српскиот кошаркарски репрезентативец, Богдан Богдановиќ, вечерва го сруши личниот рекорд на постигнати тројки, откако погоди осум далекуметни проектили во вечерашниот триумф на неговата Атланта хокс кај Шарлот хорнетс (105-101).

Поранешниот соиграч на нашиот Перо Антиќ во Фенербахче средбата ја заврши со 32 поени (8/15 за 3п, 1/6 за 2п, 6/7 за 1п) и буквално сам успеа да го совлада составот чиј мнозински газда е легендарниот Мајкл Џордан. Причина за тоа е што „јастребите“ вечерва настапија десеткувани, без Јанг, Јалинари, Редиш, Хантер и Колинс, но предводени од Србинот одиграа одличен натпрвар.

Богдановиќ покрај осумте тројки ги постигна и двете клучни слободни фрлања на шест секунди до крајот, со кои стави крај на надежите на „стршените“ за некаков пресврт.