Скапо платена победа: Тешката повреда на Дурент го стави во втор план брејкот на Вориорси! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс намалија на 3-2, откако победија на гостувањето во Торонто во петиот меч од големото НБА финале со 106-105, кој го одбележи новата тешка повреда на Кевин Дурент.

Актуелниот шампион поведе уште од стартот на натпреварот во кој успеваше да дојде и до двоцифрена предност. Сепак, Торонто не дозволуваше мечот да се реши и до самиот крај одржуваше резултатски приклучок. Гостите за прв пат после 8 мај, го имаа на располагање Кевин Дурент, кој реши да стисне заби и да побрза со враќањето на паркетот. Тоа ќе се покаже како голема грешка, затоа што веќе на стартот на втората четвртина тешко се повреди, па со помош на соиграчите мораше да го напушти паркетот.

Неговото отсуство не се одрази на остатокот од екипата која до самиот крај го чуваше водството. Сепак, Репторси беа многу блиску, а на 3 минути до крајот успеаа и да поведат со 103-97. Вориорси не мислеа да ја предадат титулата, па со три тројки по ред го свртеа резултатот и повторно поведоа со 106-103. Торонто доаѓа на -1, а до крајот Лаури промашува шут за титула во последната секунда.

Во победничкиот тим Стеф Кари имаше 31 поен, Клеј Томсон го следеше со 26 поени. Кај поразените, Кавај Ленард постигна 26 поени со 12 скокови, Кајл Лаури имаше 18 поени, а пак Марк Гасол натпреварот го заврши со 17 поени.