Шампионот се мачеше без Јанис, Феникс не го дава врвот од НБА (ВИДЕО)

Кошаркарите на Милвоки бакс далеку потешко од очекувањата го совладаа сезонава очајниот Сакраменто кингс (133-127), во меч во кој отпорот на гостите беше скршен дури на крајот од средбата.

Актуелниот НБА-шампион настапи без првата ѕвезда, Јанис Антетокумпо, што беше и една од причините за мачењето, а победата беше обезбедена пред сѐ поради одличниот шут за тројка (21/42). Јунак на вечерта кај „елените“ беше Крис Мидлтон со 34 поени, односно пет тројки од седум обиди, меѓу кои и победничката на една минута до крајот. Ова беше трет по ред триумф за Милвоки, со кој се зацврсти на четвртата позиција на Истокот со скор 30-19, додека за Сакраменто тоа беше трет пораз во низа за учинок 18-30.

Феникс санс, пак, дојде до шестата победа во последните шест меча и се зацврсти на лидерската позиција во НБА со 36-9, совладувајќи го на домашен терен тимот на Индијана пејсерс (113-103). Крис Пол беше најзаслужен за успехот и тоа со 18 поени и 16 асистенции.