Охриѓанецот Осман на НБА-Олстарот ќе настапи со – македонско знаме (ФОТО)

Македонското знаме ќе се појави на вечерашниот натпревар на „Ѕвездите во подем“ кој е во склоп на олстар-викендот во Шарлот, но не закачено на некој јарбол во салата, туку на една од патиките кои ќе ги носи охриѓанецот Чеди Осман.

Овој дуел е закажан за рано утринава во македонско време, а веќе се објавени спортските обувки кои ќе ги носи кошаркарот на Кливленд, а на кои е исцртано македонското и турското знаме. Со ова, Осман сака да ги одбележи државите кои ги носи во срцето, со оглед што е роден во Охрид каде што редовно доаѓа секое лето во посета на роднините, но настапува за репрезентацијата на Турција со оглед на турското потекло на неговиот татко.

Во негова чест неодамна беше издадена и маичка на која пишува „Човекот од Македонија“, која извесен период се продаваше во официјалниот фан-шоп на „коњаниците“, но набрзо, на реакција на турските навивачи, беше повлечена од него.