Сан Антонио повторно очаен: Ќе гледаме ли плејоф без Спарс првпат по 20 години? (ВИДЕО)

Грег Попович ги живее најтешките професионални години, бидејќи Сан Антонио влезе во криза каква што немал во последните 20 години. Со синоќешниот пораз од Хјустон, им се заканува прекин на серијата од 20 години едноподруго играње во плејоф.

Сан Антонио влезе во синоќешниот натпревар со Хјустон со осум порази во последните десет натпревари, а сега додаде уште еден. Хјустон славеше во тексашкото дерби со 109-93, а првите четири стрелци на мечот беа од домаќините: Харден со 28, Пол со 18, Ариза со 15 и Грин со 14 поени. И додека Рокетс се зацврстија на врвот, Сан Антонио го нанижа поразот број 30 и падна на 10. позиција на Западот, иако има идентичен скор (37-30) како и Портланд и Јута. Од 1998 до 2017 Спарс играа во плејоф секоја сезона.

Дел од падот на Сан Антонио е заслуга и на Портланд, кој синоќа победи десетти пат во низа. Мајами не беше некој предизвик, па Трејлблејзерс славеа со 115-99, на крилата на Демијан Лилард со 32 поена и 10 асистенции и Јусуф Нуркиќ со 27 коша и 16 скока.

Расел Вестбрук го прослави 20. трипл-дабл оваа сезона, водејќи ја Оклахома до победа над Сакраменто со 106-101. Ланскиот МВП имаше 17 поени, 11 асистенции и 10 скока, а Кармело Ентони и Пол Џорџ придонесоа со по 21 поен. Синоќа победа славеше и Милвоки, на гости кај Мемфис со 121-103.