Сакраменто не ја израмни понудата на Атланта: Богдановиќ е нов кошаркар на Хоукс

Богдан Богдановиќ во следните четири години ќе го носи дресот на Атланта хоукс, откако сега веќе неговиот поранешен тим Сакраменто не ја изедначи понудата. 

Србинот потпиша договор вреден 72 милиони долари, а Кингс можеа да го задржат ако понудеа идентичен договор. Сепак, одлуката на челниците на Сакраменто беше да не го задржат кошаркарот. 

Богдановиќ минатата недела се споменуваше како дел од потенцијален трејд во редовите на Милвоки, но кошаркарот одби такво нешто. Сакраменто го губи Богдановиќ како слободен агент и покрај тоа што беше еден од најдобрите играчи минатата сезона со 15,1 поен, 3,4 скока и 3,4 асистенции по натпревар.

Атланта сега има респектабилен тим околу младиот Трае Јанг, бидејќи покрај Богдановиќ потпиша и со ветеранот Ражон Рондо и Данило Галинари.