Ракетите ја нападнаа соблекувалната на Клиперс - буквално!

Кошаркарите на Хјустон, Џејмс Харден, Тревор Ариза, Џералд Грин и Крис Пол се обидоа да влезат во соблекувалната на ЛА Клиперс по нивниот синоќешен дуел и да се пресметаат со Остин Риверс и Блејк Грифин.

Клиперс славеа во „Стејплс“ центарот со 113-102, но гостите не го поднесоа најдобро поразот и тоа најмногу поради провокациите во финишот од средбата. Најпрво од клупата дофрлал Остин Риверс, кој воопшто не ни бил во комбинација за настап на натпреварот. Тревор Ариза му се спротивставил, а во тоа се вмешал Блејк Грифин.

Подоцна Грифин заработи исклучувачка лична грешка и повторно влезе во дуел со Ариза. Гостите од Хјустон не ги истрпија провокациите и се обиделе да влезат во соблекувалната за да се пресметаат со противничките кошаркари.

За среќа обезбедувањето ги спречила во обидот физички да се пресметаат со Клиперс. НБА-лигата веднаш започнала со истрага за инцидентот и веројатно ќе има казни за кошаркарите на двете страни.

Овој кошаркарски натпревари можел да се претвори во улична пресметка на две банди.