Познати се тројцата финалисти за МВП-наградата во НБА

НБА-лигата ги соопшти тројцата финалисти кои ќе конкурираат за МВП на сезоната 2018/2019. 

Јанис Адетокумпо, Џејмс Харден и Пол Џорџ се најдоа во најтесниот избор за најдобар кошаркар сезонава во НБА.

Адетокумпо реално е најголемиот фаворит за добивање на признанието, бидејќи беше фантастичен низ целата сезона и стигна најдалеку во плеј-офот во однос на останатите двајца конкуренти. Интернационалецот од Грција за време на регуларниот дел од сезоната имаше просек од 27,7 натпревари, 12,5 скока, 5,9 асистенции, 1,5 блока и 1,3 украдени топки. Во случај да победи, тој ќе биде само вториот европски кошаркар со оваа награда по Дирк Новицки.

Харден кој е актуелен МВП, во регуларниот дел од сезоната беше најдобриот стрелец со просек од 36,1 поен. Најголем аутсајдер за наградата е Пол Џорџ, кој имаше најдобра напаѓачка сезона во кариерата постигнувајќи 28 поени по натпревар во просек. 

Победникот ќе биде прогласен на специјален настан што ќе се одржи на 24 јуни.

Лука Дончиќ, Деандре Ејтон и Трае Јанг се тројцата финалисти за наградата „Дебитант на годината“. Пол Џорџ и Јанис Адетокумпо се во конкуренција и за „Дефанзивец на годината“ заедно со Руди Гобер од Јута.

За „Тренер на годината“ тројцата финалисти се Мајк Баденхолцер од Милвоки, Мајкл Малоун од Денвер и предводникот на ЛА Клиперс, Док Риверс.

Монтрезл Харел (Клиперс), Домантас Сабонис (Индијана) и Лу Вилијамс (Клиперс) се во конкуренција за најдобар „шести играч“, а за признанието „Играч со најголем напредок“ ќе се борат Деарон Фокс (Сакраменто), Дианџело Расел (Нетс) и Паскал Сјакам (Торонто).