Помошникот во Далас станува прв тренер на Хјустон рокетс

Мајк Д'Антони си замина од клупата на Хјустон рокетс по елиминацијата од Лос Анџелес лејкерс во плеј-офот во НБА-лигата. Искусниот стратег не се договори со управата на тимот да го продолжи договорот, бидејќи покрај него си замина и генералниот менаџер Дерил Мори. 

Рокетс засега официјално не потврдуваат, но нов тренер на тимот ќе биде Стивен Сајлас, кој досега работеше како помошник на Рик Карлајл во Далас маверикс. Интересно е тоа што сопственикот на Далас, Марк Кјубан и самиот Карлајл веќе му честитаа на Сајлас за ангажманот во тексашкиот ривал.

Салјас ќе ги води Рокетс во наредните четири години и ќе треба да ги претвори во шампионски тим со оглед дека во ростерот има две големи ѕвезди како Џејмс Харден и Расел Вестбрук. За него ова ќе биде дебитански ангажман како главен тренер.

Освен што работеше како помошник во стручниот штаб на Далас, тој бил и личен тренер на неколку големи ѕвезди како Кемба Вокер, Стеф Кари и Лука Дончиќ. Интересно е тоа што Рокетс планираат во стручниот штаб да внесат искуство крај дебитантот Сајлас и веќе преговараат со Нејт Мекмилан и Џеф Хорначек да бидат негови помошници. Двацата претходно имаат искуство како главни тренери во НБА-лигата.