Пак ја смени НБА-историјата: Дончиќ со подвиг што им успеал само на Леброн и Дурент! (ВИДЕО)

Само небото е граница за Лука Дончиќ, сѐ погласно велат спортските вљубеници во САД, откако Словенецот од меч во меч ги руши границите и поставува рекорди во НБА, кои досега биле привилегија само на оние најголемите.

Словенечкото „чудо од дете“ беше феноменален во синоќешниот триумф на Далас маверикс во пресметката со Феникс санс (104-94), со учинок од 30 поени, шест скока, пет асистенции и три украдени топки. Ова е само седми пат во историјата еден тинејџер да има вакви бројки на меч од НБА-лигата, а уште поимпресивно е што претходно тоа им успеало само на две сегашни мега-ѕвезди – Леброн Џејмс и Кевин Дурент.

За Дончиќ ова четврти пат да постигне 30 и повеќе поени, а против „сонцата“ реализира четири поени помалку од личниот рекорд. Овој триумф има и дополнителен шмек за Словенецот, со оглед што беше остварен против тренерот Игор Кокошков, кој му беше селектор во походот на Европа односно во освојувањето на златниот медал на ЕП 2017.

РЕЗУЛТАТИ: Бостон-Индијана 135-108, Вашингтон-Филаделфија 123-106, Бруклин-Атланта 116-100, Хјустон-Милвоки 109-116, Мемфис-Сан Антонио 96-86, Њу Орлеанс-Кливленд 140-124, Далас-Феникс 104-94, Јута-Орландо 106-93, Портланд-Чикаго 124-112, ЛА Лејкерс-Детроит 113-100.