Орландо ги шокираше Лејкерс, нов трипл-дабл на Дончиќ за Далас

Орландо ја прекина победничката низа од девет натпревари на Лос Анџелес лејкерс откако славеше во „Стејплс центарот“ со 119-118 во рамки на НБА-лигата. 

Поранешниот пик број 1 на драфтот, Маркел Фулц беше најзаслужен за триумфот на Меџик, а освен што погоди неколку клучни поени тој натпреварот го заврши со втор трипл-дабл во кариерата од 21 поен, 11 скока и 10 асистенции. На спротивната страна Леброн Џејмс имаше 19 поени и исто толку асистенции, со што го израмни неговиот претходен рекорд. Ентони Дејвис го пропушти својот четврти натпревар поради повредата на грбот.

Лука Дончиќ повторно беше сензационален во дресот на Далас и со трипл-дабл го водеше својот тим до триумф од 127-123 на гостувањето кај Сакраменто. Словенецот постигна 25 поени, 15 скока и дури 17 асистенции, што за него беше 12-ти трипл-дабл сезонава и моментално е прв во лигата. Сет Кари со 21 поен од клупата исто така беше од голема помош за Далас да ја оствари својата трета победа по ред. Деарон Фокс со 25 поени и 12 асистенции најмногу се истакна кај Кингс.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Бостон - Детроит 103-116
Филаделфија - Бруклин 117-106
Мајами - Сан Антонио 106-100
Чикаго - Вашингтон 115-106
Минесота - Индијана 99-104
Оклахома - Торонто 121-130
Денвер - Шарлот 100-86
Хјустон - Портланд 107-117