Олстар со „милион“ поени - без одбрани и со многу забивања како на тренинг (ВИДЕО)

Натпреварот на „сите ѕвезди“ во НБА полека станува налик на секој обичен меч во лигата со оглед на трендот на игра со многу поени и без одбрани, па така и годинава бевме сведоци на пресметка без многу трчање, во која дефанзивата беше забранета, а речиси сите забивања беа како на тренинг.

Ќе остане запишано дека тимот предводен од Леброн Џејмс го прегази составот на Кевин Дурент (170-150) и дека признанието за најкорисен кошаркар (МВП) заврши кај Јани Антетокумпо. Тој постигна 35 поени и тоа без ниту едно промашување од поле, што доволно говори за начинот на кој се играше во одбраните. Зад него според учинокот беа уште и Демијан Лилард со 32 и Стеф Кари со 28 поени.

 

 

Милениците на кошаркарските вљубеници од Балканот, Лука Дончиќ и Никола Јокиќ, не се прославија синоќа во дуелот одигран во Атланта, откако средбата ја завршија со осум односно шест поени. Црногорецот Никола Вучевиќ, пак, кој играше против нив во дуелот на Дурент, реализира пет поени со седум скока.

Пред овој дуел, Домантис Сабонис дојде до трофејот во „Скилс челинџ“, додека Стеф Кари беше најдобар тројкаш.