Олстар спектакл со по седум поени во минута, многу забивања и МВП за Дурент! (ВИДЕО)

Најспектакуларниот меч во текот на една сезона во НБА-лигата, пресметката на најдобрите на олстар-викендот, кој годинава се одржи во Шарлот, годинава ја продолжи традицијата на огромен број поени, многу забивања, тројки со рафална средба и – нула одбрана.

Тимот на Леброн Џејмс вторпат по ред дојде до триумфот по воведувањето на новиот формат и укинувањето на класичната поделба на Запад и Исток, овој пат против тимот на Јанис Антетокумпо (178-164). Ѕвездите предводени од најдобриот светски кошаркар во моментов речиси постојано беа во негатива, на моменти и со 20 поени разлика, но стиснаа во финишот и со седум тројки во само неколку минути направија пресврт и на крајот дојдоа до победата.

Признанието за најкорисен играч заврши во рацете на Кевин Дурент од тимот на Леброн, кој средбата ја заврши со 31 поен и седум скока. За кошаркарот на Голден стејт вориорс ова е втор ваков трофеј, по првиот во 2012 година, со што стана само 14-ти играч во историјата на НБА кој може да се пофали дека има повеќе од едно МВП-признание од олстар-средбите. Клеј Томсон постигна 20, а Џејмс и Кави Ленард по 19 поени во составот кој триумфираше. Капитенот Антетокумпо со 38 поени, 11 скока и пет асистенции беше убедливо најдобар во својот тим и само поради поразот не дојде до драгоценото признание.

За некое чудо, со оглед на големиот број поени, ова беше меч без многу рекорди. Тимот на Јанис само успеа да го изедначи бројот на поени во една четвртина (53 во првата), а средбата ќе се памети и по бројот на погодени шутеви за три поени. Тимот на Леброн погоди 35 тројки од дури 91 обиди додека двете екипи заедно погодија 62 удари од далечина од неверојатни 168 обиди.

На средбата се појавија и двајца кошаркари од овие простори, Србинот Никола Јокиќ и Црногорецот Никола Вучевиќ, но без некој посебен учинок.