Њу Орлеанс на праг на сензација, Голден стејт го гази Сан Антонио! (ВИДЕО)

Кој ќе речеше дека во Њу Орлеанс пеликанс има потенцијал да дотурка и до второто коло од плејофот, во моментите кога не се знаеше ни дали воопшто ќе се пласираат меѓу најдобрите осум на Западот. Сега доминира против Портланд, водејќи со 3-0 во серијата.

Њу Орлеанс немаше плејоф-победа од 2007 година, а сега како шестопласиран на Западот дојде на една победа до елиминација на фаворитот Портланд. По двата гостински триумфа, Пеликанс победија и дома, овој пат со 119-102, водени од Никола Миротиќ со 30 поени и од Ентони Дејвис со 28, плус 11 скока. Кај Портланд само Мекалум имаше 22 поена, Лилард два помалку.

Голден стејт води исто така со 3-0 против Сан Антонио, иако Стеф Кари уште се нема вратено од повредата. Синоќа победи со 110-97, сепак останаа загрижени бидејќи и Кевин Дурент и Шон Ливингстон го завршија мечот пред време со истегнат скочен зглоб и тоа во самата завршница. Сепак, Дурент, кој постигна 26 поени и девет скока, вели дека нема да го пропушти четвртиот меч, в сабота.

Синоќа славеше и Филаделфија, со 128-108, за да му се реваншира на Мајами за поразот на домашен терен пред неколку дена. Џоел Ембид постигна 23 поени, Даниел Шариќ и Марко Белинели по 21.