НБА-циркус: На само два меча постигнати скоро 600 поени, Харден овој пат броеше до 58! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Голден стејт вориорс продолжуваат да ги рушат границите, па по вчерашниот рекорд со 51 поен во само една четвртина, ноќеска одиграа уште еден меч за паметење победувајќи го Њу Орлеанс пеликас (147-140) во меч во кој „паѓаа“ по скоро шест поени во минута.

Одбраната беше мислена именка на оваа средба, а блескаше Стеф Кари со 41 поен (9/17 за тројка) додека веднаш зад него беше Кевин Дурент со 30 поени и 15 скокови. Кај Њу Орлеанс прво име беше Ентони Дејвис со 30 поени и 18 скокови. Кари на оваа средба сруши и уште рекорд, откако на трет меч во низа постигна најмалку осум тројки. На оваа средба беше срушен и рекордот по вкупно постигнати проектили од далечина (43), со оглед што „воините“ реализираа 24, а противникот 19 тројки.

Сличен стил на игра беше виден и во Хјустон, каде што домашните „ракети“ по едно продолжение загубија од Бруклин нетс (142-145). Отсуството на Крис Пол и Клинт Капела беше неминлива пречка, а не им помогна ниту уште една фантастична партија на Џејмс Харден, кој по вчерашните 57 во дуелот со Мемфис, синоќа постигна 58 поени. Со вкупно 115 поени тој се најде на само третото место на вечната листа на најдобри стрелци во два меча по ред, зад легендарните Мајкл Џордан и Коби Брајант кои имаат по 118.

Уште поневеројатно е што во двете средби, Харден вкупно погоди 33 шута кон кошот на противниците и ниту еден не беше по асистенција на соиграчите, односно беа по негова соло акција. На последните 20 средби тој има просек од 41,2 поени, а ова беше 13-та средба во кариерата на која ја минува границата од 50 поени. До својот учинок, „Брадата дојде со шут 16/34, а погоди пет од рекордните 19 шута за тројка, кои беа дел од неверојатниот учинок на „ракетите“ кои упатија дури 70 удари за три поени кон кошот на „мрежичките“.

РЕЗУЛТАТИ: Детроит-Орландо 120-115 (прод), Бостон-Торонто 117-108, Хјустон-Бруклин 142-145 (прод), Мемфис-Милвоки 101-111, Далас-С. Антонио 101-105, Портланд-Кливленд 129-112, Г. Стејт-Њу Орлеанс 147-140, ЛА клиперс-Јута 109-129.