Можеби настапува за репрезентацијата на Турција и речиси редовно го претставуваат како турски кошаркар, но охриѓанецот Чеди Осман не заборава каде е роден и каде му живее дел од семејството, нешто што гордо му го претстави на целиот свет носејќи го македонското знаме на своите патики на ноќешната средба на „Ѕвездите во подем“ на олстар-викендот во Шарлот.

Тој немаше значителен учинок на мечот на најдобрите млади играчи во НБА. реализирајќи два поени, три скока и четири асистенции, но привлече големо внимание со своите обувки, кои беа специјално дизајнирани и исцртани со знамињата на Турција и Македонија, државите кои имаа место во неговото срце. Благодарение на Осман, милиони гледачи ширум светот, но и уште поголем број корисници на социјалните мрежи можеа да се запознаат и да научат нешто за Македонија, афирмација која не може да се купи со пари.

 

 

Охриѓанецот воедно влезе во историјата како втор кошаркар роден во нашата земја кој бил дел од еден олстар-викенд, по Перо Антиќ кој исто така учествуваше во мечот на „Ѕвездите во подем“ и тоа во 2014 година како кошаркар на Атланта хокс.