На „буцкото“ не му се играло во Хјустон: Харден за Бруклин дебитираше со – трипл-дабл (ВИДЕО)

Дека не заборавил да игра кошарка, без разлика на драстичниот број зголемени килограми, Џејмс Харден го потврди уште на дебито во дресот на Бруклин нетс во победата над Орландо меџик (122-115) во која имаше трипл-дабл ефект со 32 поени, 14 асистенции и 12 скокови.

Популарниот „Брада“ очајно сакаше да го напушти Хјустон, поради што во последните средби не играше како што знае, што од сегашен агол делува како намерно да настапувал со половина сили само за да ги примора „ракетите“ на трејд. Одлично на овој меч одигра и Кевин Дурент, кој средбата ја заврши со дури 42 поени, а во тимот го немаше Кајри Ирвинг поради прекршување на протоколите на НБА поврзани со коронавирусот.

Четврта победа во низа остварија кошаркарите на Мемфис гризлис и тоа во пресметката со Филаделфија севентисиксерс (106-104), за која најзаслужен беше повратникот по повредата, Џа Морант. Тој средбата ја заврши со 17 поени, меѓу кои и победничкиот кош во последните моменти од средбата.

РЕЗУЛТАТИ: Сан Антонио – Хјустон 103-91, Бруклин – Орландо 122-115, Торонто – Шарлот 116-113, Мемфис – Филаделфија 106-104, Мајами – Детроит 100-120, Портланд – Атланта 112-106.