Момент за историја: Вестбрук стигна до 100. трипл-дабл во кариерата! (ВИДЕО)

Можеби ја нема експлозивноста од минатата сезона, ниту тој ниту неговата Оклахома, но Расел Вестбрук е доволно натпросечен за да продолжи да остварува генијални остварувања, како ова синоќа. Го одигра 100. натпревар со трипл-дабл ефект и се придружи на само тројца во историјата.

Оскар Робертсон (181), Меџик Џонсон (138), Џејсон Кид (107) и сега Расел Вестбрук - тоа е друштвото на неверојатни „олраунд“ играчи кои имаат 100 или повеќе натпревари со троен ефект. Вестбрук успеа синоќа, во победата на Оклахома против Атланта со 119-107, бележејќи 32 поена и по 12 скока и асистенции.

„Сите тројца кои се предме не се членови на 'Куќата на славните'. Јас сум пресреќен што можам да се вбројам меѓу нив“, прокоментира Вестбрук по натпреварот.

Трипл-дабл заокружи доцна во третата четвртина, кога прифати една топка со дефанзивен скок. Публиката во Атланта стана на нозе и го отпоздрави како што заслужува.

„Уште ми е лудо. Да одам на гостински терен и да видам не само како навиваат за мене, туку дечиња со мојот дрес...а никогаш не ни замислував дека ќе играм во НБА. Секогаш кога го гледам ова е неверојатно за мене и никогаш не го земам здраво за готово“, додаде Вестбрук.

Дури 81 од овие 100 трипл-дабл ефекти ги направи во последните три сезони, а 63, откако Кевин Дурент замина во Голден стејт, во претходните две, што кажува за неговиот личен развој. Оклахома синоќа ја запиша четвртата победа едноподруго и се задржа на четвртото место, бидејќи синоќа победија и Њу Орлеанс и Минесота, под неа. Покрај Вестбрук, трипл-дабл направи и Леброн Џејмс, со 28 поени 13 скока и 11 асистенции, носејќи го Кливленд до триумф во Феникс, со 129-107.

 

НБА РЕЗУЛТАТИ

Филаделфија - Индијана 98-101

Вашингтон – Минесота 111-116

Атланта – Оклахома 107-119

Бруклин – Торонто 102-116

Њујорк – Далас 97-110

Чикаго – ЛА Клиперс 106-112

Њу Орлеанс  - Шарлот 119-115

Сан Антонио – Орландо 108-72

Јута – Детроит 110-79

Феникс – Кливленд 107-129

ЛА Лејкерс – Денвер 112-103