Ману Џинобили објасни зошто решил да се пензионира!

Еден од најобрите странци во историјата на НБА-лигата, Ману Џинобили, нема веќе да гази по паркетот, по 23-годишна активна кариера. Тоа беше познато уште претходно, но сега Аргентинецот откри зошто решил да направи ваков потег.

Џинобили наполни 41 година во оваа 2018 и никој не ни бара од него да го продолжи чудото од негова кариера, па тој реши да се повлече. Причините се очигледни, смета дека неговото тело не може повеќе да го издржи напорот.

„Беше тешко да се затвори ова поглавје од животот. Не можев повеќе да го гледам своето тело како поминува низ потребниот напор и подготовките за сезоната. Кога се вратив малку да тренирам по сезоната, во нашиот тренинг-центар, видов како некои соиграчи се подготвуваат за новата сезона, а јас сум толку далеку од нив, физички. Кога го видов тоа, си реков – доста е“, вели Џинобили.

Уште во текот на сезоната чувствувал дека крајот е близу и потсвесно знаел дека ја игра последната сезона, но...

„Ментално, минатата сезона ја сфаќав како последна. Сепак, оставив подотворена врата за секој случај. Вратата почна се повеќе да се затвора како времето поминуваше. Не можев да го видам моето тело да помине повторно низ тој напор. Мислам дека имав добра последна сезона, дадов се што имам и физички и ментално.“, зборува Џинобили.

Џинобили дојде во Сан Антонио во 2002 година и оттогаш четири пати ја освои титулата во НБА (2003, 2005, 2007, 2014), а признава дека најдрага му била последната, во 2014.