Мајами го елиминираше Бостон и избори финале со Лејкерс (ВИДЕО)

Мајами хит по шест години се најде во финалето на НБА-лигата, откако во шестиот меч од финалето на Источната конференција го победи Бостон селтикс со 125-113 за 4-2 во серијата.

Мајами водеше во најголем дел од мечот, но Бостон успеа да направи пресврт на почетокот на последната четвртина, а во еден момент имаше и шест поени предност (90-96).

Сепак, во важните моменти екипата од Флорида успеа да направи голема серија и да стигне до 116-104, по што беше јасно дека ќе се пласираат во финалето.

Бем Адебајо одигра врвен меч и постигна 32 поени, 14 скокови и пет асистенции, додека кај Бостон најдобар беше Браун со 26 поени.

Мајами во големото финале ќе игра против Лејкерс, а првиот меч е на распоредот во ноќта меѓу среда и четврток.