Лука Дончиќ и Новицки на магичен начин го потопија најдобриот тим во НБА! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Далас маверикс одамна не се во игра за место во плејофот, но тоа не им пречеше да му го нанесат најтешкиот пораз сезонава на актуелниот шампион во НБА, тимот на Голден стејт (126-91) во меч од синоќешната програма од најсилната лига во светот.

Најзаслужен за ова беше Лука Дончиќ, кој го оствари шестиот трипл-дабл ефект за што му беа потребни само три четвртини. Словенечкото „чудо од дете“ средбата ја заврши со 23 поени, 11 скока и 10 асистенции, а голема помош имаше од ветеранот Дирк Новицки. Германецот ја одигра најдобрата средба сезонава, во која постигна 21 поен меѓу кои и пет тројки.

 

 

„Воините“ настапија без Стеф Кари, во чие отсуство најефикасен беше Кевин Дурент со 25 поени, но со 0/8 шут за тројка. Токму лошиот шут за три поени (вкупно постигнаа само четири) беше главна причина за поразот на Г. Стејт.

Овој неуспех значеше и промена на врвот од табелата во Западната конференција, каде што сега најдобар е Денвер нагетс со 49 победи и 22 порази, додека „воините“ имаат скор 43-23.

РЕЗУЛТАТИ: Вашингтон- Мајами 108-113, Атланта – Филаделфија 129-127, Чикаго – Јута 83-114, Мемфис – Минесота 99-112, Портланд – Детроит 117-112, Сакраменто – Феникс 112-103.