Лејкерс со трета победа по ред, Дончиќ го предводеше Далас (ВИДЕО)

Шампионот Лос Анџелес лејкерс го совлада Хјустон со 124-122 и ја запиша третата победа по ред, најдобра низа уште од месец март. 

Кајл Кузма ги постигна решавачките поени во финишот со убав влез и положување. Актуелниот шампион и натаму се надева дека може да го избегне плеј-ин турнирот за место во плеј-офот, но тоа изгледа доста нереално. Лејкерс остануваат на седмото место со една победа помалку од Далас и Портланд, кои се пред нив. За да го освојат шестото место во Западната конференција треба Маверикс или Блејзерс да ги загубат последните два натпревари од сезоната, а Лејкерс да ги добијат за да влезат во плеј-офот без доигрување.

Во отсуство на тројцата најдобри во ростерот, Леброн Џејмс, Ентони Дејвис и Денис Шредер, утринава во нападот ги предводеше Тален Хортон-Такер со 23 поени, Андре Драмонд имаше 20 поени и 10 скока, додека Кузма имаше 19 поени и 10 скока. Кај Рокетс, Кели Олиник и Армони Брукс постигнаа по 24 поени. 

Далас е на добар пат да го избегне плеј-инот, бидејќи на домашен паркет славеше со 125-107 против Њу Орлеанс. Лука Дончиќ постигна 33 поени, додека Кристапс Порцингис постигна 19, па Маверикс ја задржаа шестата позиција на табелата на Западот.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Атланта - Вашингтон 120-116
Бруклин - Сан Антонио 128-116
Кливленд - Бостон 102-94
Јута - Портланд 98-105