Лејкерс покажуваат знаци на живот и без Леброн Џејмс (ВИДЕО)

Оклахома и Лос Анџелес лејкерс одиграа крајно интересен натпревар на кој славеа гостите со 138-128 и тоа по едно продолжение. Конечно врзаа две победи и тоа без Леброн Џејмс во составот и сега се со скор од пет победи и седум порази без првата ѕвезда, кој и натаму отсуствува поради повреда. 

Лејкерс можеа до победата и во регуларниот дел, бидејќи водеа со три поени предност, а во последниот напад Лонзо Бол направи прекршок при шут за три поени над Расел Вестбрук. Ѕвездата на Тандер ги погоди трите слободни фрлања и го одведе натпреварот во продолженија. Таму Лејкерс доминираа и го добија екстра периодото со 16-6 и заслужено дојдоа до триумф. 

Кајл Кузма со 32 поени ги предводеше Лејкерс до победата, а одличен натпревар одигра и младиот центар од Хрватска, Ивица Зубац, кој реализираше дабл-дабл со 26 поени и 12 скока. Пол Џорџ со 27 поени беше најефикасен кај Оклахома, а Расел Вестбрук постигна 26 поени и 13 асистенции.

Денвер убедливо го совлада Чикаго со 135-105, а Никола Јокиќ беше блиску до нов трипл-дабл. Србинот реализираше 18 поени и 11 асистенции, а забележа и осум скока. Мареј со 25 поени беше најефикасен кај Нагетс, додека Лаури Марканен кај Чикаго имаше 27 поени и 10 скока.

Торонто без првата ѕвезда Каваи Ленард во составот се изнамачи со Феникс, но на крајот славеше со 111-109. Серж Ибака со 22 поени го предводеше нападот на Репторс, додека кај Санс најефикасен бее Девин Букер со 30 поени. 

Филаделфија - Индијана 120-96
Шарлот - Сакраменто 114-95
Вашингтон - Њујорк 101-100