Лејкерс, конечно, победи, а се најде и мајстор да ја совлада Јута (ВИДЕО)

Кошаркарите на ЛА Лејкерс по низата од четири порази, конечно, победија и тоа во ноќешната пресметка со тимот на Портланд трејлблејзерс (102-93), за која клучна беше третата четвртија која „езерџиите“ ја добија со 31-19.

Леброн Џејмс беше предводник на актуелниот шампион со 28 поени, 11 скокови и седум асистенции, додека веднаш зад него беше Шредер со 22 поени. Убедливо најпрецизен на мечот, но попусто, беше бекот на „пинерите“, Демијан Лилард со 35 поени.

 

 

И вториот финалист од минатиот плејоф, екипата на Мајами хит, имаше успешна вечер и тоа против Јута џез (124-116), најдобриот тим во моментов во НБА. За „џезерите“ ова беше само втор пораз во последните 13 меча, а вкупно седми во новата сезона со што остануваа неприкосновени лидери во лигата.

 

 

Главна причина за неуспехот на „џезерите“ беа седумте по ред промашени шутеви на крајот од средбата, што искусниот домаќин максимално го искористи за петти триумф во низа. Батлер со 33 поени и 10 скока и Горан Драгиќ со 26 поени беа најефикасни кај „жешките“ додека Донован Мичел со 30 поени беше најпрецизен кај Јута.

РЕЗУЛТАТИ: Бостон – Индијана 118-112, Торонто – Хјустон 122-111, Чикаго – Феникс 97-106, Детроит – Сакраменто 107-110, Мемфис – ЛА Клиперс 99-119, Мајами – Јута 124-116, Оклахома – Атланта 118-109, Голден Стејт – Шарлот 130-121, ЛА Лејкерс – Портланд 102-93.