Леброн го надмина Лери Бирд и стана шести на вечната листа! (ВИДЕО)

Кливленд и понатаму победува сигурно на погонот на Леброн Џејмс, кој игра во одлична форма периодов, за што сведочат и поместувањата на вечниот поредок во НБА-лигата.

Најдобриот на денешницава стана шести на сите времиња според трипл-дабл ефекти во кариерата, потистнувајќи го големиот Лери Бирд. Леброн го запиша 60. трипл-дабл во својата кариера, со 29 поени, 11 скока и 10 асистенции во победата на Кливленд над Јута со 109-100, на домашен терен.

Ова е веќе петти трипл-дабл за него оваа сезона, но трет само во последните четири меча, што ја потврдува фасцинантната форма. Кливленд, пак, победи 17-ти пат во последните 18 натпревари и 11-ти едноподруго во својата „Квикен лоунс“ арена.

Во фантастичен ритам функционира и тимот за кој се пишува дека е следна дестинација на Леброн – Хјустон рокетс. Го совлада Милвоки со 115-111, додавајќи уште една победа за серијата да достигне 13 едноподруго. Ова е најдолга победничка серија за Хјустон по рекордната во 2007 година, кога триумфираа на 22 меча по ред.

Предводеше новоформираниот тандем, Џејмс Харден со 31 поен и Крис Пол со 25 коша, наспроти Јанис Адетокумбо со 28 коша.

Од останатите натпревари, Кармело Ентони мораше да се соочи со пораз со својот поранешен тим. Њујорк ја совлада Оклахома со 111-96, Портланд победи третпат по ред на гостувањата, со 93-91 во Шарлот, а Сан Антонио беше подобар од Далас во тексашкото дерби, со 98-96.

 

НБА РЕЗУЛТАТИ

Шарлот – Портланд 91-93

Кливленд – Јута 109-100

Њујорк – Оклахома 111-96

Хјустон – Милвоки 115-111

Мајами – ЛА Клиперс 90-85

Минесота – Феникс 106-108

Сан Антонио – Далас 98-96

Мемфис – Бостон 93-102