Леброн Џејмс и Никола Јокиќ – тие се! (ВИДЕО)

Во ноќ со 11 натпревари во НБА-лигата тешко е да се истакнете или за да го направите тоа треба нешто посебно, а во тоа синоќа успеаја двајца – Леброн Џејмс и Никола Јокиќ.

И двајцата постигнаа трипл-дабл во своите големи победи. Оваа на Кливленд, голема затоа што е изразена со 23 разлика на гостувањето кај Мемфис, 89-112. Џејмс немаше некои „луди“ бројки како во минатото, но направи трипл-дабл со 18 поени, 14 скока и 11 асистенции. Во неговиот подновен Кливленд, најголема поддршка имаше од Џорџ Хил, исто така со 18 поени. За Мемфис ова беше осми пораз за Мемфис едноподруго, а Кливленд, пак, стигна до победа број 35, шест помалку од Торонто, лидерот на Истокот.

Уште поимпресивен од Леброн беше српскиот џин-генијалец, Никола Јокиќ. Победата на неговиот Денвер, синоќа, беше голема затоа што беше остварена во мечот со Сан Антонио, со 122-119. Јокиќ брилираше со 28 поени и по 11 скока и асистенции фрлајќи сенка на 38-те поени на Ламаркус Олдриџ од Спарс.

Ова е трет трипл-дабл едноподруго за Јокиќ, а во месец февруари, кога Денвер има ефект од седум победи и само еден пораз, бележи просек од 23,4 поени, 11 скока и 10,4 асистенции по натпревар!

Одличен меч одигра и Ентони Дејвис, со 45 поени и 17 скока, носејќи му победа на Њу Орлеанс против Мајами со 124-123 по продолжение. Ексра-време се играше и во Торонто, каде што Милвоки победи со 122-119, а помина уште една обична ноќ во Хјустон, по стандардите на Џејмс Харден. „Брадата“ постигна 31 поен и девет асистенции во триумфот на Рокетс со 120-102 против Минесота, со кој се зацврстија на врвот на Западот.

Заврши и бајката на Јута, која по 11 победи по ред, загуби и тоа на домашен терен, со 81-100 од Портланд.

 

НБА-РЕЗУЛТАТИ

Детроит – Бостон 98-110

Индијана – Атланта 116-93

Вашингтон – Шарлот 105-122

Торонто – Милвоки 119-122 (п)

Хјустон – Минесота 120-102

Мемфис – Кливленд 89-112

Њу Орлеанс – Мајами 124-123 (п)

Денвер – Сан Антонио 122-119

Феникс – ЛА Клиперс 117-128

Јута – Портланд 81-100

ЛА Лејкерс – Далас 124-102