Кливленд влегува во криза: Трет пораз по ред на Кавалирс (ВИДЕО)

Кливленд утринава доживеа нов пораз во НБА-лигата, овој пат на гостувањето кај Индијана со 97-95, што за нив беше трет пораз по ред, или четврти на последните пет натпревари. 

Навивачите на Кавс може да ги теши само тесниот пораз, бидејќи на претходните два натпревари нивниот тим беше декласиран од Минесота и Торонто. Вицешампионот имаше водство од 22 поени по првиот период, но Индијана успеа да се врати со серија 22-0 и да го сврти натпреварот во своја корист за да дојде до победата. Дарен Колисон со 22 поени ги водеше домашните до триумф, Виктор Оладипо постигна 19 поени, додека Ленс Стивенсон реализираше 16 поени и 11 скока.

Леброн Џејмс реализираше дабл-дабл со 27 поени и 11 асистенции, Кевин Лав постигна 21 поен, додека 13 поени постигна Џеф Грин.

Во отсуство на Стеф Кари, Кевин Дурент со 26 поени го предводеше Голден Стејт до триумф против Милвоки од 108-94. Хјустон славеше против Феникс со 112-95,  а најефикасен кај победничкиот тим беше Крис Пол со 25 поени.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Шарлот - Јута 99-88
Вашингтон - Орландо 125-119
Атланта - Бруклин 105-110
Минесота - Њујорк 118-108
Њу Орлеанс - Портланд 119-113