Кливленд гази 13. пат по ред, шампионот победува и без Кари (ВИДЕО)

По бледиот старт Кливленд влезе во застрашувачка форма, победувајќи веќе 13 натпревари по ред. Последна жртва беше Сакраменто, со 101-95, а уште еднаш натпреварот го одбележа Леброн Џејмс.

Најдобриот на денешницата имаше една асистенција помалку од трипл-дабл, постигнувајќи 32 поена и 11 скока во победата над Сакраменто. Аутсајдерот не беше надигран во Охајо, парираше до самиот крај, дури и водеше со 95-94, кога Кливленд направи серија од 7-0 до финишот на мечот. Кевин Лав го поддржа Леброн со 18 поени и 13 скока, а кај Сакраменто предводеше Зак Рендолф со 18 поени и 10 скока.

Сепак, колку и да е импресивен Кливленд во последниве месец-дена, уште не е прв на Истокот, бидејќи тоа место е резервирана за екипата која пред него имаше долга победничка серија (16), Бостон селтикс. Лидерот го одбрани врвот со уште еден триумф синоќа, со 97-90 против Далас, а Кајри Ирвинг имаше „скромни“ 23 поени и пет асистенции.

Без Стеф Кари во екипата, Кевин Дурент покажа кој и каков е кога треба да биде лидер. Направи трипл-дабл со 35 поени, 11 скока и 10 асистенции за убедливата победа на Голден стејт на гости кај Шарлот со 101-87. Сепак, најимпресивен, барем во поглед на поените, синоќа беше Демаркус Казинс, со 40 коша и 22 скока, водејќи го Њу Орлеанс до победа над Денвер со 123-114.

Во останатите натпревари:

Индијана – Чикаго 98-96

Орландо – Атланта 110-106 (96-96)

Њујорк – Мемфис 99-88

Милвоки – Детроит 104-100

Сан Антонио – Мајами 117-105

ЛА Клиперс – Минесота 107-113