Казинс се врати по речиси една година: Голден Стејт го освои Лос Анџелес (ВИДЕО)

Еден од најдобрите центри во НБА-лигата, Демарскус Казинс утринава конечно се врати на паркетот во дресот на Голден Стејт, откако речиси цела една година беше повреден. 

Минатата година тој ја скина Ахиловата тетива на левата нога и мораше долго да паузира. Казинс постигна 14 поени во победата на Вориорс од 112-94 на гости кај Лос Анџелес клиперс. Интересно е тоа што центарот мораше предвреме да го напушти натпреварот поради шест прекршоци во последниот период.

Со Казинс конечно во составот, Голден Стејт стана првиот тим во последните 42 години, кој во својата стартна петорка имал пет Олстар играчи од претходната сезона. Стеф Кари беше лидер во нападот на Вориорс со 28 поени, додека Кевин Дурент реализираше 24 поени. За Вориорс ова беше седма победа во низа, а шеста по ред на гостински терен. 

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Бостон - Мемфис 122-116
Детрит - Мајами 98-93
Орландо - Бруклин 115-117
Минесота - Сан Антонио 113-116
Јута - Кливленд 115-99
Портланд - Њу Орлеанс 128-112