Јокиќ направи нешто што никој во историјата на НБА не успеал! (ВИДЕО)

Србиноот Никола Јокиќ продолжува да ја истакнува кандидатурата за МВП на основната сезона во НБА-лигата, бележејќи едно фасцинантно остварување, кое досега не му пошло од рака никому во 75-годишната историја на НБА лигата. 

Денвер го совлада Мемфис со 122-109, со што си ја загарантира шестата позиција на Западот, која носи директно во плеј-офот, без разигрување, а Никола Јокиќ учествуваше во тој триумф со 35 поени, 16 скока и шест асистенции. Овој ефект, колку и да е сон за некои кошаркари, за српскиот центар веќе стана стара вест, па затоа подвигот од синоќе не лежи во тие бројки.

Работата е во тоа што со ова остварување Јокиќ ги надмина границите од 2.000 поени, 1.000 скока и 500 асистенции оваа сезона, што претставува нешто невидено досега. НБА-лигата постои од 1946 година и низ неа поминале многу ѕвезди на сите позиции од теренот и никој не успеал да има истовремено толку поени, скокови и асистенции. Јокиќ има уште еден натпревар за да ја подобри својаа статистика, в понеделник на домашен терен против ЛА Лејкерс, кои веќе водат во трката за „разочарување на сезоната“.

Откако математички ги загубија шансите и за десеттата позиција, продолжија да нижат порази и синоќа, во дуелот со Голден стејт. Тејлен Хортон-Такер одигра натпревар на кариерата со 40 поени во поразот, додека Клеј Томпсон ги предводеше Вориорс со 33 коша.

За издвојување е и победата на Милвоки, во дербито на Источната конференција против Бостон. Славеше со 127-121 со што ја зацементира втората позиција пред Селтикс, а зад Мајами. Јанис Адетокумбо и Џру Холидеј диктираа и на овој меч, со по 29 поени, првиот со 11 скока, вториот со по осум скока и асистенции.

На останатите средби:

 

Шарлот – Орландо 128-101

Торонто – Филаделфија 119-114

Минесота – Сан Антонио 127-121

Њу Орлеанс – Портланд 127-94