Историска вечер за „пионерот“ Симонс, рутинска победа за шампионот (ВИДЕО)

Кошаркарите на Портланд трејлблејзерс ја прикинаа мини-серијата од три порази по ред и тоа на ептен сладок начин, со триумф на гостувањето кај фаворизираната Јута џез (116-111).

Тоа беше вечер која бекот на „пионерите“, Енферни Симонс, никогаш нема да ја заборави, со оглед што имаше рекорден учинок во првото полувреме. Тој во воведната четвртина постигна 23 поени, а на одмор замина со дури 33 поени зад своето име, што е најдобар поентерски ефект во историјата на Портланд за првите 24 минути. Симонс средбата ја заврши со 45 поени, додека одлична помош имаше од Грант, кој реализира 33 поени.

Актуелниот првак во НБА, екипата на Голден стејт вориорс, пак, дојде до рутинска победа во пресметката со Хјустон (120-101), епилог кој можеше да се навести по одличниот старт на „воините“ (22-4). Вигинс со 36 поени беше прв стрелец кај составот од Оукленд, а Кари застана на бројката од 30 поени.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Милвоки 96-105, Минесота – Оклахома 128-135, Торонто – Орландо 121-108, Голден Стејт – Хјустон 120-101, Јута – Портланд 111-116.