Историја: НБА добива кошаркар кој чудесно забивал во дури четири различни декади!

Уште кога пред два месеци најави дека сака да одигра уште една сезона во НБА, беше јасно дека 42-годишниот Винс Картер ако успее да најде клуб ќе влезе во историјата на најсилната лига на светот и тоа по две различни работи.

Ветеранот потпиша договор со Атланта хокс, со што за него ќе биде 22 сезона во НБА-циркусот, со што ќе се издвои од Дирк Новицки, Роберт Периш, Кевин Вилис и Кевин Гарнет со кои досега ја делеше лидерската позиција по бројот на најмногу одиграни шампионати. Но, што е многу поважно, ако Картер одигра барем еден натпревар по 1 јануари 2020 година, тогаш тој ќе успее да направи нешто што никому претходно – да игра во четири различни декади.

Тој дебитира во 1999 година во дресот на Торонто репторс, потоа настапуваше во декадите од 2000-2009, односно 2010-2019, а пред него е историска можност да ја начне и декадата помеѓу 2020 и 2029 година. Вакво нешто никој претходно не ни помислувал дека може да се направи, а тешко дека и некој ќе може да го повтори.

Картер минатата сезона одигра 76 средби во кои просечно беше на теренот по 17,5 минути и реализирајќи 7,6 поени, но поважно беше неговата улога на ментор на младите ѕвезди на „јастребите“ како Трае Јанг и Џон Колинс, улога која дефинитивно ќе ја има и во следниот период.