Ибака оди во Лос Анџелес, Рондо ќе му биде ментор на Јанг

Тимовите во НБА-лигата продолжуваат со екипирањето на ростерот, а утринава имаше неколку интересни информации. 

Искусниот центар Серж Ибака е нов кошаркар на Лос Анџелес клиперс. Тој беше слободен агент и го напушти Торонто по три сезони. Со Клиперс потпиша двегодишен договор вреден 19 милиони долари.

Репторс сепак го задржаа еден од своите најдобри играчи Фред ван Флит, кој потпиша четиригодишен договор од 85 милиони долари.

Ражон Рондо по освојувањето на шампионската титула со Лос Анџелес лејкерс, реши да си замине како слободен агент и да побара нов ангажман со далеку подобар договор. Ветеранот идните две години ќе го носи дресот на Атланта хоукс и ќе заработи 15 милиони долари. Тој треба да биде и ментор на младата ѕвезда на тимот Трае Јанг.

Атланта во моментов работи на ангажман уште на две големи ѕвезди, а тоа се Данило Галинари и Бодан Богдановиќ.

Гордон Хејворд откако одлучи да стане слободен агент и одби 34,2 милиони долари кои му следуваа за последната сезона во Бостон, потпиша четиригодишен договор со Шарлот вреден 120 милиони долари.