Хеликоптерот со кој загина Коби Брајант бил еден од најбезбедните на светот!

Хеликоптерот од типот Сикорски С-76Б со кој загина вчера големата кошаркарска легенда Коби Брајант заедно со својата ќерка и уште седуммина во несреќата во областа Калабасас во Калифорнија бил еден од најбезбедните хеликоптери, кои постојат во моментов и до оваа страшна несреќа само два вакви хеликоптери се урнале од 1991 година откако се во производство.

Брајант веќе подолго време имал одлична соработка со агенцијата која му го изнајмувала хеликоптерот, а добриот однос што го имал, од агенцијата му било допуштено хеликоптерот да го користи кога сака. Хеликоптерот кој е регистриран на компанијата „Исланд Експрес Хеликоптерс оф Филмор“ и никогаш досега немал никакви проблеми.

Повеќе од 915.000 часови лет имале овие типови на хеликоптери, според податоците што ги објавија американските медиуми и досега само два се урнале, а за жал третиот кој вчера падна беше со големата НБА легенда, која со ќерката, уште едно семејство и останатите патувале кон „Мамба Академијата“ на турнирот за девојчиња кој требало да се одржи.

Поранешниот пилот кој две години го возел Брајант, Курт Деец, кој бил вработен во компанијата „Исланд Експрес“ посочи за „Лос Анџелес Тајмс“ дека не постои шанса овој хеликоптер да се урне од механички причини зашто е еден од најбезбедните за патување на светот, додавајќи дека единствена причина за уривањето може само да се лошите временски услови. Деец имал преку 1.000 часа лет со овој хеликоптер и никогаш немал проблем со леталото.

„Условите што ги нуди овој хеликоптер се неверојатни, едноставно фантастични. Шансата за катастрофа од механички проблеми или проблеми со двата мотори кои ги има леталото се едноставно невозможни. Единствена причина за страшната несреќа може само да се бара во лошите временски услови“, вели Деец.

Според информациите што ги објавија американските медиуми Брајант полетал вчера во 9.06 часот по локално време од аеродромот Џон Вејн, за многумина нејасно зошто, од причина што целата полициска флота на ЛАПД била приземјена поради густата магла. Хеликоптерот над зоолошката градина во ЛА, кружел најмалку шестпати во 15-те минути на ниска висина чекајќи маглата да се расчисти, но потоа пилотот тргнал на исток, па се вратил кон југ и при голема брзина од скоро 300 километри на час, направил грешка влегувајќи во планинско подрачје на ниска висина и потоа обидот да се искачи повисоко не успеал, па катастрофата не можела да се избегне. Претходно во дел од американските медиуми се појавија информации за евентуални механички проблеми со еден од моторите, но засега официјалните лица не објавуваат детали за причините за несреќата.

Агенцијата „Асошиетед прес“, пак, објави дека овој хеликоптер Сикорски С-76Б, произведен во 1991 година до 2015 година бил сопственост на државата Илноис и наменет како „ВИП за Гувернерот“, која на тендер потоа го продала заедно со четири делови плус за 2,5 милиони долари, а причина за продажбата било „за да се избегне дополнителен трошок од еден милион долари плус за инспекции и одржување“. Оригиналната цена на наддавањето била 515.000 „зелени банкноти“, а хеликоптерот бил продаден откако една година претходно никој не се јавил на јавното наддавање. Овој хеликоптер имал над 4.000 часа лет, а интересно компанијата која го купила „Исланд Експрес“ победила на наддавањето еден месец откако оваа компанија потоа се регистрирала како компанија што изнајмува хеликоптери за приватни потреби.

Брајант бил фанатик за хеликоптери и секој момент го користел за да се вози со нив, па дури и на последната парада за шампионската титула со Лејкерс пред пензијата дошол со ваков тип на летало.