Харден „полуде“ против Лејкерс: Го носеше Хјустон до победа со трипл-дабл и 50 поени (ВИДЕО)

Хјустон го совлада тимот на Лос Анџелес лејкерс со 126-111 и тоа благодарение на неверојатната индивидуална партија на Џејмс Харден.

Суперѕвездата на Рокетс постигна 50 поени, 11 асистенции и 10 скока, а ова беше негов четврти трипл-дабл во кариерата со 50 или повеќе постигнати поени. Харден е само шестиот кошаркар во историјата на НБА-лигата со трипл-дабл и 50 поени, но е прв со вкупно четири вакви натпревари. Леброн Џејмс постигна 29 поени кај Лејкерс, додека Кајл Кузма релизираше 24 поени.

На дуелот што се одигра во Мексико Сити, Орландо беше домаќин на Чикаго и славеше со 97-91. Никола Вучевиќ со 26 поени беше најдобар на паркетот за Меџик и најзаслужен за триумфот.

Феникс предводен од Игор Кокошков, поранешниот селектор на Словенија беше подобар од Далас на Лука Дончиќ. Санс победија со 99-89, а најдобар кај победникот беше Ворен со 30 поени. Дончиќ имаше тивка вечер и постигна 13 поени. Прв натпревар сезонава за Маверикс одигра и Дирк Новицки, кој успеа да се запише и во листата на стрелци. 

Сан Антонио го декласираше тимот на Лос Анџелес клиперс со 125-87.