Грифин спогодбено раскина со Детроит: Следна дестинација - Бруклин?

Блејк Грифин денеска се договори за прекин на соработката со Детроти пистонс, односно тимот ги откупи последните 18 месеци од неговиот договор.

Поранешниот олстар играч сега е слободен агент и може да потпише со било кој тим во лигата. Детроит прво се обидоа да го трејдуваат искусниот кошаркар, но немаше премногу заинтересирани страни со оглед на неговиот слаб учинок сезонава.

Сепак, како слободен агент Грифин привлекува внимание од неколку тимови, кои се конкуренти за врвот и титулата. Шпекулациите велат дека Грифин би можел да заврши во Бруклин, тим кој има ѕвездено трио со Џејмс Харден, Кајри Ирвинг и Кевин Дурент, но нема длабочина во ростерот особено под кошевите.

Искуството, но и физичкото присуство на Грифин може да му донесе екстра опции на тренерот Стив Неш. За Детроит играше од 2018 година, кога беше трејдуван од Лос Анџелес клиперс.

Оваа сезона требаше да заработи 36,6 милиони долари според договорот, а идната сезона  дури 39 милиони. Минатата сезона тој одигра само 18 натпревари поради две операции на коленото. Сезонава има просек од 12,3 поени, 5,2 скока и 3,9 асистенции по натпревар, што е најслаб ефект во неговата кариера.