„Грабеж“ на векот во НБА: За секој даден поен заработува – 300.000 долари

Француската кошаркарска ѕвезда Јоаким Ноа буквално го ограби Њујорк Никс во последните две сезони, во кои игра катастрофално, а заработуваше еден тон долари, по што овој НБА-клуб реши да му даде отказ.

За славните Никси, Ноа одигра само 53 меча и сето тоа најмногу поради повредите, но и честите судири со раководството на клубот. Севкупно одигра 1.057 минути, ама без оглед на катастрофалниот настап и учинок, ќе си замине со полни џебови. Тој поради отказот ќе си ги заработи сите 72,5 милиони долари, за колку што се договори со Њујорк за четиригодишен договор, а иако Никс се обидоа да ја намалат отштетата, сепак преостанатите пари ќе мора да му бидат исплатени на Французинот. Ноа предлогот на Њујок го одбил, па ќе си ги добие уште 37,8 милиони долари во следните четири години.

И како податок, колку скапо Ноа ги чинел Никс говорат статистичките податоци. Секоја минута на теренот го чинел овој клуб 68.700 „зелени банкноти“, а за секој поен плаќале 300.000 долари, односно за секој одигран меч 1,36 милиони долари.

Инаку Ноа беше најдобар дефанзивец во 2014 година, а одлуката на Њујорк да се ослободат од Французинот е да го ослободат селари-капот за да може да донесат некога голема ѕвезда во тимот.