Голден стејт поведе против Портланд: Блејзерси немаа шанси против разположениот Кари (ВИДЕО)

Кошаркарите на Голден Стејт го победија Портланд Трејлблејзерс со резултат 116-94 во првиот натпревар од финалето на Западот. Иако повторно играа без повредениот Кевин Дурант, Вориорси повторно стигнаа до победата предводени од Стеф Кари.

Од самиот старт, домаќините наметнаа свој ритам, а на полувремето водеа со пристојни девет поени разлика (54-45). Во второто полувреме заиграа уште подобро и стигнаа до најголеми 17 поени разлика. Сепак, следеше одговор на Портланд кој што успеа да намали на минус шест разлика.

До крајот на натпреварот, Кари, Грин, Томсон и другите успеаа да го сопрат нивниот налет и повторно да дојдат до двоцифрена разлика. Во победничкиот тим очекувано најефикасен беше Кари со 36 поени, додека Томсон додаде 26. Кај поразените прв стрелец беше нивниот најдобар кошаркар Демијан Лилард со 19 поени.