Ѓоковиќ откри непознат детал за односот со Брајант: Ми помогна кога ми беше најтешко!

Меѓу светските спортисти кои вечерва се збогуваат со кошаркарската легенда Коби Брајант, кој загина во хеликоптерска несреќа во близина на Лос Анџелес, е и најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, кој откри досега непознато за неговиот однос со ѕвездата на ЛА Лејкерс.

Србинот објави дека токму Брајант му бил своевиден ментор во најтешкиот период од кариерата пред неколку години, кога поради повреда на лакотот дури и размислуваше целосно да се повлече од тенисот.

„Коби беше еден од моите ментори. Постојано беше крај мене во најтешкиот период од мојот живот, кога постојано ми даваше совети и ме охрабруваше да не се предадам и да продолжам да се борам. За тоа вечно ќе му бидам благодарен“, изјави Ѓоковиќ.

Американскиот кошаркар загина заедно со неговата 13-годишна ќерка Џиџи Марија, со која патувале на тренинг заедно со уште тројца во хеликоптерот, кој се сруши кај местото Калабесис.