Финалето на Западот почна со брејк на Голден Стејт во Хјустон (ВИДЕО)

Двете најсилни екипи во Западната конференција, Хјустон и Голден Стејт одиграа натпревар достоен за едно финале во НБА-лигата, но на крајот во „Тојота центарот“ се радуваа гостите. 

Вориорс славеа со 106-119 благодарение на одличната игра во второто полувреме. По првите две четвртини беше израмнето 56-56, но гостите се одлепија во третиот период, а во последниот само ја завршија работата.

Џејмс Харден беше играч на натпреварот со 41 поен, но тоа не беше доволно за Рокетс да дојдат до победата, бидејќи на спротивната страна има еднакво расположен ривал во името на Кевин Дурент, кој заврши со 37 поени. Крис Пол имаше дабл-дабл ефект за домашниот тим со 23 поени и 11 скока. 

Кај Вориорс, покрај Дурент, одличен натпревар одигра и Клеј Томсон со 28 поени, додека Стеф Кари реализираше 18 поени.

Следниот натпревар повторно се игра во Хјустон во четврток наутро во три часот.