Феникс „убиен“ со 48 разлика, 271 поен на мечот во Индијана (ВИДЕО)

Втората вечер во НБА-лигата ја украсија девет натпревари, а меѓу нив убедливо најефикасниот се одигра во Индијана, со 271 поен.

Да постигнете 131 поен и на крај да загубите, тоа го снајде Бруклин на гостувањето во Индијана, бидејќи прими 140 поени. Мајлс Тарнер ги водеше домаќините со дабл-дабл од 21 поен и 14 скока, а Виктор Оладипо постигна 22. Кај Бруклин, прв беше доскорашниот играч на ЛА Лејкерс, Данџело Расел со 30 поени.

Сан Антонио ја отвори сезоната со победа пред своите гледачи и тоа против телантираната Минесота, со 107-99, носен од Ламаркус Олдриџ со 25 поени и 10 скока. На спротивната страна Ендру Вигинс броеше до 26.

По хорор-повредата на Гордон Хејворд во Кливленд, Селтикс се вратија во Бостон, но не се прославија бидејќи загубија од Милвоки со 100-108. Царуваше Јанис Адетокумбо со 37 поени и 13 скока, додека Кајри Ирвинг беше скромен со 17.

Хјустон со втората победа го трасираше патот до врвот на Западот, што претставува негова цел. Славеа на гости кај Сакраменто со 105-100, а повторно предводеа Џејмс Харден и Ерик Гордон, првиот со 27 поени, вториот со 25. Крис Пол не ни играше.

За издвојување е и Портланд, кој го победи Феникс на гости со 48 разлика, 124-76. Демијан Лилард имаше 27 поени, Јусуф Нуркиќ дабл-дабл со по 11 поени и скока.

НБА РЕЗУЛТАТИ

Феникс – Портланд 76-124

Сакраменто – Хјустон 100-105

Сан Антонио – Минесота 107-99

Јута – Денвер 106-96

Мемфис – Њу Орлеанс 103 – 91

Бостон – Милвоки 100-108

Вашингтон – Филаделфија 120-115

Индијана – Бруклин 140-131

Детроит – Шарлот 102-90