Фаворитите затаија: Порази на Голден Стејт, Кливленд и Оклахома (ВИДЕО)

Голден Стејт новата сезона ја започнува доста бавно, а кошаркарите како сè уште да го слават ланскиот успех. Мемфис го совлада актуелниот шампион во НБА-лигата на домашен паркет со 111-101 и му го нанесе вториот сезонски пораз на третиот натпревар.

Стеф Кари со 37 поени беше најефикасен кај Вориорс, Кевин Дурент постигна 29, додека Клеј Томсон броеше до 14, но и тоа не беше доволно за триумф во „ФедЕкс“ арената. Кај домаќинот, Марк Гасол со дабл-дабл ефект од 34 поени и 14 скока беше најзаслужен за победата. 

Никола Вучевиќ со 23 поени беше најдобар во победата на Орландо против Кливленд и ја прекина серијата од 17 порази по ред на Меџик во меѓусебните дуели. Орландо славеше со 114-93 и тоа среде Кливленд. Ова беше нивна прва победа против Кливленд по 23 ноември 2012 година. Леброн Џејмс реализираше 22 поени, Кевин Лав постигна 19, додека Иман Шамперт уфрли 21 поен. 

На големото трио на Оклахома ќе му треба малку време да се воигра, бидејќи на гостувањето кај Јута, Тандер загуби со 96-87. Иако во првото коло Вестбрук, Ентони и Џорџ искомбинираа 71 поен и вкупно 105, но овој пат приказната беше поинаква. Одличната одбрана на Џез придонесе ѕвездите на Оклахома да немаат многу простор за игра, а предводник во победата беше Руди Гобер со 16 поени и 13 скока, а Рики Рубио исто така постигна 16 поени. Кармело Ентони реализираше 26 поени за Оклахома, Пол Џорџ 22, додека Расел Вестбрук нетипично за него имаше само шест постигнати поени, но имаше двоцифрен број на скокови, вкупно 13 и 9 асистенции. 

На останатите натпревари:
Торонто - Филаделфија 128-94
Чикаго - Сан Антонио 77-87
Хјустон - Далас 107-91
Мајами - Индијана 112-108
Њујорк - Детроит 107-111
Милвоки - Портланд 113-110
Денвер - Сакраменто 96-79
ЛА Клиперс - Феникс 130-88