„Ѕверот од Грција“ ја растури Атланта, историска партија на кошаркар на Бостон (ВИДЕО)

Грчкиот интернационалец Јанис Антетокумпо беше најзаслужниот за лесната и убедлива победа на Милвоки бакс во убедливата победа против Атланта хокс (129-115) во еден од синоќешните натпревари во НБА-лигата.

„Ѕверот од Грција“ средбата ја заврши со 23 поени, 14 скока и осум асистенции, додека веднаш зад него беа Портис со 21 и Мидлтон со 19 поени. „Јастребите“ настапија драстиќно ослабени и тоа без повредените Јанг, Богдановиќ и Капела, па загубија првпат по низата од три победи по ред.

Екипата на Бостон селтикс стави крај на серијата од три порази и тоа во пресметката со Кливленд (141-103), во која историско остварување имаше Џејлен Браун. Домашниот кошаркар средбата ја заврши со 33 поени, реализирани за само 19 минути на паркетот, што е апсолутен рекорд во историјата на НБА за играчи кои минале помалку од 20 минути во игра.

Кошаркарите на Портланд трејлблејзерс, пак, беа подобри од Њујорк никс (116-113), во меч во кој во второто полувреме имаа предност и од 24 поени разлика. Лилард со 37 поени го предводеше Портланд во овој триумф, додека Кикли со 29 поени беше најефикасен во редовите на Њујорк.

РЕЗУЛТАТИ: Индијана – Торонто 102-107, ЛА Клиперс – Оклахома 108-100, Бостон – Кливленд 141-103, Орландо – Шарлот 104-107, Милвоки – Атланта 129-115, Сан Антонио – Вашингтон 121-101, Портланд – Њујорк 116-113.