Џејмс и Бол трипл-дабл тандем како Меџик и Џабар (ВИДЕО)

Леброн Џејмс и Лонзо Бол станаа само вториот тандем во историјата на Лос Анџелес лејкерс, што запишале трипл-дабл на еден натпревар по Меџик Џонсон и Карим Абдул Џабар на 22 јануари 1982 година.

Двајцата го предводеа својот тим до триумф од 128-100 на гостувањето кај Шарлот. Џејмс имаше 24 поени, 12 скока и 11 асистенции, додека Бол натпреварот го заврши со 16 поени, 10 скока и 10 асистенции. 

„Знам дека не е лесно. Низ историјата на Лејкерс имало огромен број исклучителни играчи, мислев дека Лук Волтон и Коби Брајант го имале направено неколку пати ова“, се пошегува тренерот на Лејкерс, Лук Волтон, кој е и поранешен играч на тимот од Лос Анџелес.

Утринава трипл-дабл запиша и Џејмс Харден (32 поени, 12 скока и 10 асистенции), кој го водеше Хјустон до победа од 105-97 кај Мемфис. Пол Џорџ постигна 33 поени во победата на Оклахома од 110-104 против ЛА Клиперс. Детроит ја прекина низата од осум победи по ред на Бостон откако славеше со 113-104. Блејк Грифин ги предводеше Пистонс со 27 поени, а одличен беше и Андре Драмонд со 19 поени и 20 скока.

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ
Орландо - Јута 96-88
Сан Антонио - Чикаго 93-98
Феникс - Минесота 107-99