Дончиќ со трипл-дабл дојде на чекор до „топ 10“ во НБА, Јокиќ го реши Бруклин

Словенечката ѕвезда Лука Дончиќ дојде до 42-от трипл-дабл во кариерата и го предводеше Далас Маверикс во победата со 132-112 против Портланд во синоќешните мечеви во најсилната кошаркарска лига, па му треба само уште еден ваков настап за да влезе во „топ 10“ во историјата на лигата.

Дончиќ имаше 15 поени, 10 скока и 15 асистенции и сега е на едно вакво остварување за да се израмни до Фат Лавер меѓу десетте најдобри, а легендарниот Лери Бирд е следен за достигнување со 59 трипл-дабл учиноци во кариерата.

Кристапс Порзингис со 22 поени беше предводник во победата на Далас, а со 20 поени, шест скока и 11 асистенции голем придонес имаше и Џејлен Брунсон.

Српската ѕвезда и лански МВП, Никола Јокиќ за малку не дојде до трипл-дабл, погодувајќи 26 поени со 10 скока и 8 асистенции како предводник на Денвер Нагетс во гостинскиот триумф кај Бруклин со 124-118, а уште една српска ѕвезда блескаше за победа на својот тим, Бојан Богдановиќ имаше 18 поени, 7 асистенции и 3 скока во поразот на Сакраменто кај Атланта со 104-121.

Меч за паметење одиграа Шарлот Хорнетс и Индијана Пејсерс во рекорден сезонски меч со 284 поени, а победија Хорнетс со 158-126, кои имаа извонредни 54 погодени удари од поле од 94 обиди и неверојатни 24 тројки од 45 обиди.

Кели Убре јуниор имаше феноменален меч со рекорд на кариерата, постигнувајќи 39 поени, од кои 10 тројки од 15 обиди, а четворица кошаркари стигнаа до ефект од 20 или повеќе поени, меѓу кои Ламело Бол со трипл-дабл со 29 поени, 10 скока и 13 асистенции.

Во другите мечеви Кливленд славеше со 115-99 над Милвоки, ЛА Клиперс стигнаа до нова победа на гостувањето кај Орландо од 102-111, Мајами славеше на домашен терен со 110-96 над Њурјок, Чикаго со 111-105 над Торонто, додека до нови два бода на гостување стингаа и Мемфис и Феникс кои ги добија дуелите со Сан Антонио, односно Јута со 110-118 и 97-105.